ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение повторно се осврна на апликацијата на СДСМ со која, како што тврди, се краделе лични податоци на граѓаните.
Опозицијата бара за случајот да се произнесе Јавното обвинителство кое со молкот создавало огромен сомнеж дека власта го користи овој момент за прикривање докази.
„Доказ дека СДСМ брише докази е фактот што по обелоденувањето на аферата ‘Големото око’, апликацијата веднаш беше повлечена, па потоа вратена, а кружат информации дека е сменет и серверот на кој биле складирани украдените лични податоци. ВМРО-ДПМНЕ апелира до Јавното обвинителство најитно да преземе мерки за пронаоѓање и санкционирање на инспираторите, нарачателите и извршителите на овој скандал што треба да заврши со узурпирање на волјата на граѓаните. Очекуваме дека освен нарачателите, оние кои го осмислиле и оние кои го реализирале ова навлегување во приватноста и крадење лични податоци, пред правдата ќе одговараат и оние кои помагаат да се сокријат трагите. Сите инволвирани треба да знаат дека ваквите дела не застаруваат. Одговорност за ова ќе има. Ова афера е само доказ како функционира СДСМ, криминогено“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачкиот СДСМ возврати дека за сите измислени лажни вести ВМРO-ДПМНЕ ќе биде казнет од граѓаните, а тимот на Сиљановска треба да знае дека лажното пријавување е кривично дело.
„СДСМ веќе ги демантираше сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ, не постои апликација којашто прибира податоци, лични информации, видеа, фотографии, ниту активности на интернет. Основното непознавање на технологијата и современите системи за водење кампања на застарената ВМРО-ДПМНЕ, заглавена во минатото, е нивни проблем. ВМРО ДПМНЕ е партијата симбол на криминал од невидени размери, измами, најголема можна злоупотреба на институциите и загрозена приватност на граѓаните со масовно прислушкување“, велат од СДСМ.
Социјалдемократите додаваат дека никој не верува во измислените филмови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се остатоци од истата криминална матрица на Никола Груевски која се пресликала и во штабот на Гордана Сиљановска.