Температурите што во изминатите два дена се движеа под нулата не ги измрзнаа овошните насади во Пијанец. Причината за ова, како што вели агрономот Неџбедин Мемедов е недоволната расцветаност, што ги спаси цветовите на овошките од оштетување.
-За среќа температурите беа еден или два степена под нулата и може да се каже дека само на одредени места има оштетување кое е минимално. Измрзнувањето може да биде поголемо доколку температурите се спуштат под минус пет или повеќе степени, вели Мемедов.
Во тој случај додава, мразот создава кристали во цветовите, внатре во прашникот и толчникот, при што ги уништува и доаѓа до деформирање и губење на плодноста.
-Затоа земјоделците мора да го адаптираат плански производството, односно да се садат насади на повисоките места каде има поголемо струење на воздухот, а не на ниските предели каде се задржува студениот бран, дополнува Мемедов.
Добра вест за овоштарите е тоа што за во наредниот период се навестуваат поволни температури. Ова значи дека нема да се повтори катастрофата од пред три години, кога во Пијанец, поради измрзнување на овошните насади, 650 овоштари пријавија штета од над милион денари.