Фудбалерите на Барселона славеа со 3:0 на реванш натпреварот против Манчестер Јунајтед во четврт-финалето од Лигата на шампионите минатиот вторник и сосема заслужено се пласираа меѓу четирите најдобри.
Барселона одлично го започна натпреварот на „Камп Ноу“ со двата брзи погодоци на Лионел Меси. Сепак, вториот гол Аргентинецот го постигна прилично лесно, односно Де Хеа направи голема грешка и наместо рутинска интервенција, топката помина низ рацете на Шпанецот и заврши во неговата мрежа.
Додека сите играчи на Барселона го прославуваа голот на Меси, само голманот Тер Штеген не го славеше голот, а деновиве објасни зошто било така.
„Сите сме луѓе, тоа може да му се случи на секого. Не се радував на голот на Меси затоа што мој колега, голман направи грешка. После натпреварот, му реков дека тоа не е ништо. Тоа може да ми се случи и мене“, изјави Тер Штеген.