Во Белград вечерва ќе се одржи голем собир во рамки на кампањата на српскиот претседател ,,Иднината на Србија”, на кој се очекува да присуствуваат десетици илјади луѓе од целата земја кои шефот на државата и лидер на владејачката СНС, Александар Вучиќ ги повика на единство и поддршка за сите важни прашања од национален и државен интерес, особено во претстојното решавање на косовското прашање.
На собирот, како што соопшти кабинетот на Вучиќ, ќе зборува и претседателот на Владата, Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, претседател на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијартоo, кој претходно ја поддржа владејачката партија и на изборната кампања.
Ваквиот собир доаѓа по минатонеделните случувања кога на протестот ,,Сите за еден – еден од 5 милиони”пред Собранието на Србија се собраа илјадници луѓе кои се спротивставија на владата на Вучиќ и побараа слободата на медиумите, како и создавање услови за фер избори и професионално известување во јавните ТВ-програми – Српска радио и телевизија и Радио Телевизија Војводина. Официјалните проценки се дека на тој собир имало само 7.200 до 7.500 луѓе, додека организаторите и лидерите на опозициската Алијанса за Србија тврдат дека собрале 35.000 лица.