Грчкиот министер за одбрана, Евангелос Апостолакис, изрази загриженост поради купувањето на рускиот систем за воздушна одбрана С-400 од страна на Турција, според грчкиот весник „Катимерини“.
Апостолакис во телевизиското интервју за Опен ТВ изјави дека купувањето на С-400 од страна на Анкара целосно ќе го промени системот за контрола на воздушниот простор над Егејското Море.
Во исто време, тој ја нагласи потребата Грција да набави американски авиони Ф-35 или други за да ја зајакне својата воздушна одбрана и да воспостави рамнотежа на моќ.
Турција, рече тој, секогаш тврди дека има проблеми со своите соседи, Европската Унија и САД.
„Грција не е првиот проблем на Турција”, рече Апостолакис, истакнувајќи ги добрите односи со својот турски колега, кои ги опиша како „искрени” во расправите и изнаоѓањето начини за намалување на тензиите во Егејот.
Апостолакис рече дека не се плаши од никаков воен инцидент или несреќа во Егејот меѓу двете земји.
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент објави дека Вашингтон не ја смени својата политика во врска со намерата на Анкара да се стекне со рускиот систем С-400 и нема да остане рамнодушен ако членките на НАТО купуваат оружје од ннеговите ривали.
Реакцијата на грчкиот министер за одбрана дојде откако портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, рече дека се надева оти Анкара ќе најде начин да избегне санкции поради купувањето на рускиот С-400.