Русија им предложила на САД склучување на билатерален договор за избегнување на нуклеарна војна, но засега не добила никаков одговор на иницијативата, тврди московскиот весник „Комерсант”, повикувајќи се на „свои” извори.
Според весникот, Москва во октомври минатата година му предложила на Вашингтон да потпишат договор за избегнување на нуклеарна војна, со образложение дека „во неа не може да има победник и затоа никој не треба да ја започне”.
– Во него руската страна предложила да се воспостават неопходни мерки за спречување на каква била намерна или случајна употреба на нуклеарно оружје, наведува „Комерсант”, додавајќи дека Москва веќе шест месеци чека одговор на иницијативата.
Весникот тврди дека слична иницијатива Москва доставила до Вашингтон и во текот на Студената војна, во време кога на чело на Советскиот Сојуз бил Леонид Брежњев, кој беше генерален секретар на советската Комунистичка партија од 1964 до 1982 година.
Претставник на Американската амбасада во Москва во изјава за „Комерсант” одбил да ги коментира ваквите наводи, нагласувајќи дека Вашингтон „останува ангажиран за ефикасна контрола на вооружувањето”.
САД на почетокот на февруари соопштија дека започнале процедура за повлекување од Договорот за ракети со среден и мал дострел, со образложение дека Русија ги прекршува одредбите од спогодбата. Со Договорот на земјите потписнички им се забранува поседување на балистички и крстосувачки ракети со дострел од 500 до 5.500 километри.