Би сакале да ја информираме јавноста дека на листата на анализите кои ќе се издаваат со дозволата за работа сега се достапни нови лабораториски анализи, кои за сите пациенти ќе ги покрива Фондот за здравствено осигурување.
На листата на анализите кои се издаваат со дозволата за работа сега се додаваат и следните анализи: за липиден статус, покрај вкупен холестерол и триглицериди, се додаваат и HDL и LDL, за електролити: натриум, калиум, хлор, калциум, фосфор, магнезиум, и серумско железо, за следење на воспалителните процеси ЦРП и антистрептолизински тест, CK-MB – ензим на инфарктот, ОГТТ, тестот за толеранција на глукоза – скриен шеќер и гликолиран хемоглобин HbA1c (тромесечен просек), како и тест за бременост.
Серумското железо и тестот за бременост не беа воопшто ставени во листата на анализи која се издава во прилог на дозволата за работа, а постоеа во ЛУ1 пакетот. ОГТТ, тестот за толеранција на глукоза – скриен шеќер и гликолиран хемоглобин HbA1c (тромесечен просек), кои се важни за откривањето на дијабетот, посебно кај трудниците, ќе бидат во ЛУ1а, наместо во ЛУ 1б пакетот.
Во периодот од десетина дена успеавме да ја промениме состојбата на статус-кво која што не била променета од 90-ите години од минатиот век, заради која не беше возможно одредени анализи да се работат во секоја лабораторија, поради неусогласеност на листата која се издава во дозволата за работа, и анализите кои се на сметка на Фондот за здравствено осигурување.
Состојбата драстично е промената и поради тоа требаше усогласување на прописите со сегашната состојба.
Бевме соочени со ситуација каде заради тоа, имаше дополнително комплицирање на целата процедура за издавање на упати, како и спроведување на анализите, што пак влијаеше врз квалитетот и сигурноста на здравствената услуга, а со тоа и за грижата за здравјето на пациентите.
По наше барање, на Македонското здружение за лабораториска медицина и наука, и во заедничка соработка со Лекарската комора, како и Здружението на приватни лекари и Здружението на семејни лекари, успеавме да обезбедиме поддршка од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, со која се надминаа сите досегашни пропусти.
Со новите измени се олеснува и позицијата на докторите, како и на пациентите, се поедноставуваат административните процедури, се намалуваат трошоците за пациентите, а услугата се спроведува за пократко време.