Управниот суд утврдил дека нема судир на интереси во одлуката за исплата на лозарите пред претседателските избори и ја поништи одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата по приговор на ВМРО ДПМНЕ.
-Управниот во совет составен од судиите: Драгослав Радичевски – претседател на советот, Лулзим Салиу и Дрита Мемети – членови на советот, со записничар Љубица Стојковска Перковска – виш судски соработник, одлучувајќи по тужбата на тужителот Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, против Одлуката на Државна комисија за спречување на корупцијата број 12-2408/7 од 17.04.2019 година, за спречување на корупција и судир на интереси, на седницата на советот одржана на 19.04.2019 година, согласно член 36 став 2 од Законот за управни спорови, донесе пресуда Урп.бр.21/2019 со која тужбата на тужителот Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, СЕ УВАЖУВА. Одлуката на Државна комисија за спречување на корупцијата број 12-2408/7 од 17.04.2019 година, СЕ ПОНИШТУВА, стои во соопштението на судот.
Претходно Антикорупциската комисија објави дека иницира постапка пред надлежните органи за исплатата на 77 милиони денари или 1.250.000 евра на лозарите од Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој во период кога се распишани претседателските избори и изборите за градоначлници во три Oпштини.
„Ги разбираме активности на Владата за надоместување на долгот кон лозарите. Но требало да се почитува Изборниот законик и исплатата да не се врши откако веќе биле распишани изборите“, рекоа од ДКСК.