Американската амбасада во Тирана ја поздрави новата опозиција во албанскиот Парлемент и ја поттикнува да се пријави за учество на локалните избори.
– Ги поздравуваме конструктивните опозициски чекори во Парламентот, кои дополнително го формализираа нивното присуство и позиции како пратеници. Формирањето парламентарни групи дополнително ќе ја зајакне нивната способност да ги претставуваат своите гласачи, како активни членови на Парламентот. Албанскиот Парламент продолжува да функционира. Ова продолжување на парламентарните процеси, вклучувајќи го и влегувањето на новите пратеници, дебати и усвојување на закони, е знак за континуитетот и стабилноста на оваа важна демократска институција”, изјави Лејла Мозес-Ванс од американската амбасада.
Координаторката на новата пратеничка група на Демократската партија, Рудина Хајдари, на Твитер напиша дека „бојкот на изборите, пред која било влада и колку да е корумпирана, е политичко самоубиство”.
„Ние не се согласуваме со бојкотирање на изборите, како алтернатива на опозицијата, против која било влада, колку и да е компромитирана и корумпирана. Бојкотот го сметаме за политичко самоубиство. Единствениот начин да се смени власта во една демократска земја се изборите”, напиша Хајдари.
И амбасадорот на Мисијата на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца, побара од двете новоформирани опозициски парламентарни групи во Собранието, да „учествуваат на јунските локални избори и да разговараат со своите колеги”.
Пратенците кои се согласија да станат дел од законодавниот дом на местата на нивните сопартијци кои се откажаа од пратеничките мандати, веќе формираа нови парламентарни групи. Едната на Демократската партија(ПД), чиј координатор е Рудина Хајдари, додека другата е на пратениците на Социјалистичкото движење за интеграција(ЛСИ), чиј координатор е Нимет Мусаи.
Во меѓувреме Националнот совет на ПД донесе едогласна одлука да ги бојкотира, но и попречува локалните избори, во што ја поддржува и ЛСИ, најавувајќи продолжување со антивладините протести се до смена на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе слободни и демократски избори.