Најголема излезност за претседателските избори во дипломатско конзуларните пртставништа (ДКП) во Европа засега има во Прага, 23,4 отсто, а најниска во Истанбул, 3,57 проценти, соопшти портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Љупка Гугуческа.
Како што рече Гугуческа на првата прес-конференција за изборите, гласањето се одвива тековно и без проблеми. Излезноста во ДКП-ата во Будимпешта е 18,75 проценти, во Брисел 18,37, во Загреб 16,67… Излезноста во ДКП-ата до 18:30 часот во Канбера е 38 отсто додека во Мелбурн 57,58 проценти. Гласачките места во САД и Канада ќе бидат отворени во 19 часот.
-Вкупно 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари го следат гласање за претседателските избори во земјава, нагласи Гугуческа и потсети дека право на глас имаат 1.808,131 граѓани, а во 32-те дипломатско конзуларни претставништа се пријавиле 1.781 гласач.
Одговорајќи на новинарско прашање, портпаролката на ДИК информира дека денешното гласање во затворите се одвива не пречено и до 10 часот правото на глас го искористиле 22 проценти.
-Во 13 КПУ право на глас имаат 1.640 лица. Сите места се отворени на време и гласањето тече без никакви проблеми, истакна Гугуческа.
Прв пат за претседателските избори се гласа и во два старечки дома, и притоа 71 лица имаат право да искажат својата поддршка.
Новина е и тоа што за граѓаните со оштетен слух ДИК го отвора телефобнскиот број 076/488-360 на кој преку видео повик ќе биде одговорено секое прашање.
-Ги потсетувам граѓаните дека на 0800 555 444 ќе може да се јават да постават прашање во врска со гласањето, рече Гугуческа.
Следната прес-конференција ДИК ќе ја оддржи вечер во 20 часот и на неа се очекува да бидат соопштени до тогаш сумираните гласови од дојаспората во Европа и Австралија како и од затворите.