На претстојните евроизбори, имаме обврска да ја одбраниме демократијата, како во нашата земја, така и во нашето големо европско семејство, вели претседателот на Грција Прокопис Павлопулос во пораката по повод 52-годишнината од државниот удар во Грција на 21 април 1967, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот претседател изјави дека седумгодишната диктатура што следеше по пучот, треба да остане трајно запечатена во историските сеќавања и да биде поука.
-Особено во пресрет на клучните претстојни евроизбори, ние, Грците, целосно свесни за последиците од ова мрачно минато, имаме обврска да ја одбраниме демократијата, како во нашата земја, така и во нашето големо европско семејство, Европската Унија, со нашиот глас да подигнеме „ѕид” на отпор за кој не се преговара, против сите оние кои, директно и отворено, заговараат против демократски институции во целина и како и против европската структура, порачува Павлопулос.
На 21 април 1967 со државен удар стигнаа на власт, со што започна воената хунта во Грција што траеше седум години.