Чудото од дете, стружанецот Јован Колоски, кој се разбуди по четири години од кома, слави матура!
Струга, 20.април 2019 (ОХРИДПРЕС) – Јован Колоски, струшкото детето херој, кој по четири години поминати во кома успеа да се разбуди и да ја победи лошата болест, стана матурант.
На радоста и возбудата во семејството Коловски ѝ нема крај. Велат дека сите се возбудени, а најмногу Јовче како што го викаат неговите родители, Мира и Димитрија, кои деноноќно бдееја над нивното синче единче, кое го чуваа како капка роса во нивните раце.
Како и сите матуранти и Јован се подготвува за најубавата ноќ, кога заедно со неговите врсници ќе зачекори по патеката на полнолетството. Видно возбуден вели дека се чувствува необично, но дека сè уште не знае што да се облече за матурската вечер, која заедно со неговите другари ќе ја прослават во еден од струшките ресторани.
– Имам и партнерка. Таа ми е другарка од клас, низ смеа и срамежливо раскажува Јовче, опишувајќи дека сака да биде најубав таа вечер, но дека сè уште нема одлучено што ќе облече.
Тој во 2015 година се запиша во гимназијата во Струга, каде што исто така беше многу добро прифатен. И учениците и професорите, како и сите вработени се трудеа да му помогнат кога за тоа имаше потреба.
– Сите несебично помагаат во социјализацијата на Јован. Тој се дружи со другарите, излегува на кафе со нив, понекогаш заедно учат, оди во теретана. Сега главна преокупација им е матурската забава и заедно и ги планираат активностите околу вечерта, табло, алманах, избор на облека, партнерка. По полагањето на Државна матура, која се надеваме ќе заврши успешно, на ред е избор на факултет. Јован има свои планови и желби. Сака да биде глумец. Колку е тоа реално, не знаеме затоа што лекувањето не е завршено. На секои три месеци Јован мора да прими терапија во Љубљана. Никој не знае до кога ќе трае и како ќе се одвиваат работите. Тоа многу не исцрпува и психички и физички, но најмногу финансиски. Само Господ знае до кога ќе трае нашава борба, вели мајка му Мира и упати апел до сите родители да не се откажуваат лесно и кога ќе се соочат дури и со најголемите предизвици.
Комплетната сторијата за Јован Колоски на авторот Пацка Лазарова, новинар на весникот Вечер, за која таа ја доби наградата Мито Хаџивасилев Јасмин ОВДЕ.