Мрежата за регистрација на расистичко насилство во Грција во периодот јануари – декември 2018, регистрирало 117 случаи на насилство на расистичка основа, во кои биле нападнати над 130 лица, што претставува зголемување во споредба со 2017, јави дописничката на МИА од Атина.
Според годишниот извештај на мрежата, во 74 случаи на мета биле бегалци и мигранти поради нивното потекло, религија и боја, здруженија на странци и заштитници на човековите права на бегалците и мигрантите. Во шест случаи нападнати биле грчки граѓани, поради бојата, странското или етничкото потекло.
Девет од регистрираните случаи биле врз еврејски свештеници или симболични места, а едно лице било нападнато затоа што се борело против антисемитизмот. А 27 случаи се однесуваат на насилство врз припадниците на ЛГБТИ заедницата.
Во однос на местата каде што се случиле расистичките напади, речиси половина биле на јавни простори односно на улици или плоштади.
Една година претходно, во 2017, биле регистрирани 102 случаи со над 120 нападнати лица.
– Во 2018 година, мрежата регистрираше пораст на случаите на расистичко насилство, особено кон бегалците и мигрантите. Зголемувањето е поврзано со политичката поларизација на глобално ниво во однос на прифаќањето на бегалците и мигрантите, во комбинација со националните и локалните фактори што ја создадоа ситуацијата во Грција. Зајакнување на присуството на екстремно десничарските партии во Европа ги охрабрува ксенофобичните групи кои заземаат сѐ поголем дел од јавната сфера, пишува во годишниот извештај на мрежата за регистрација на расистичко насилство во Грција.
Грчката полиција, според податоците што ги испратила до организацијата, минатата година регистрирала 226 случаи, кои „веројатно” имале расистички мотиви, од кои 63 се однесувале на говор на омраза.
Мрежата за регистрација на расистичко насилство беше формирана во 2011 година од Националната комисија за човекови права и Канцеларијата на високиот комесар на ОН за бегалци во Грција. Дел од мрежата се 46 институции на граѓанското општество, а како набљудувачи учествуваат народниот правобранител и на Советот за интеграција на мигранти на општина Атина.