Вишото обвинителство во Белград покрена ново обвинение против Зоран Марјановиќ за тешко убиство на сопругата Јелена Крсмановиќ Марјановиќ, а за кое му се заканува затворска казна од 40 години, дознава „Блиц”.
Според обвинението, Марјановиќ ја убил Јелена на свиреп и подмолен начин, додека во непосредна близина била нивната малолетна ќерка. Обвинетиот со својата сопруга, пејачка на „Гранд“ на 2 април 2016 година околу 17 часот со автомобил дошле на насипот во Борча. Јелена заминала да трча, а тој останал со ќерката. Сепак, искористувајќи ја довербата од Јелена, Зоран ја намамил да се спушти во подножјето на насипот од каналот, додека детето останало на насипот.
Кога се спуштиле до каналот, Зоран најпрво ја пробол Јелена со остар предмет во главата и во десниот лакт, по што Јелена почнала да бега. Тогаш ја изгубила едната патика и мобилниот телефон, како и гумата со која ѝ била врзана косата. Меѓутоа, Зоран ја стигнал, ѝ го соблекол горниот дел од тренерката, а потоа повторно ѝ нанел повеќе удари во главата, предизвикувајќи неколку скршеници на черепот, по што ја потопил во каналот. Пред смртта Јелена вдишала вода од каналот.
Зоран беше уапсен на 15 септември 2017 година, речиси една година и пол по убиството, но од притвор беше пуштен по десет месеци.