Уште една, седма експлозија погоди хотел во Коломбо, Шри Ланка при што загинаа две лица. Бројот на загинати во претходните шест бомбашки напади во католички цркви за време на прославата на Велигден и во три луксузни хотели се искачи на 156 лица, додека 560 се повредени. Најмалку 20 странци се смета дека загинале во терористичките напади, кои што се случиле координирано и речиси истовремено.
Експлозиите биле пријавени на неколку локации во Коломбо и надвор од градот. Според првичните информации, се случиле шест експлозии, три во католички цркви кои прославувале Велигден и три во хотели со пет ѕвездички, информира полицијата.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена во обраќањето кон нацијата, повика на смиреност, но и за претпазливост.
Една од погодените цркви, црквата Св. Себастијан во Негомб, северно од Коломбо, објави фотографии од опустошувањето на внатрешноста на црквата на нејзината страница на Фејсбук, каде што се гледа крв на клупите и подот.