Гласањето на сите избирачки места во земјава во првиот круг од претседателските избори почна навреме. Од Државната изборна комисија информираат дека досега гласањето се одвива тековно и без проблеми.
Во Република Северна Македонија денеска се одржува првиот круг од шестите претседателски избори. Во претседателската трка се кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата на Албанците и Движењето Беса.
Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.
Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.
Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.
Се гласа на 3.480 избирачки места во Републикава. Вчера се гласаше во странство на 32 избирачки места.
Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
На овие избори можат да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.
Претседателските избори, според Државната изборна комисија, ги следат 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, акредитирани од ДИК.
Набљудувачи имаат акредитирано и повеќе амбасади на странски земји, како амбасадите на Руската Федерација, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Италија, Албанија, Словачка во Македонија. Во ДИК се акредитирани и 289 преведувачи.
Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лица што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.