Ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо конечно стави крај на гласините за неговата иднина во клубот.
Во последните денови на Апенините се проговори дека Португалецот е крајно разочаран од елиминацијата во четвртфиналето во Лигата на Шампионите од Ајакс и нема да го исполни договорот со „црно-белите”.
Сепак, тој по натпреварот со Фиорентина (2:1), кој го загарантира освојувањето на Скудетото, рече дека нема намера да замине.
– Јас сум во Јувентус со 1.000 отсто. Мислам дека ова беше многу добра прва сезона и добро се адаптирав во клубот. Го освоивме Скудетото и Супер Купот на Италија, што не е лесно. По освојувањето на титулите во Англија и во Шпанија, сега можам да се пофалам дека исто така сум триумфирал и во Италија. Тоа беше важно за мене и јас сум среќен, рече Роналдо.
Тој потоа зборуваше за неуспехот во Лигата на шампионите.
– Не можете секогаш да победувате. Мислевме дека можеме да направиме повеќе, но само еден тим може да ја освои Лигата на шампионите. Следната година ќе отвориме нова страница на турнирот. Навивачите го сакаат истото. Тоа е важен трофеј за нас, но никогаш не е лесно, додаде Кристијано.