Одборот за одбрана на Џулијан Асанж ќе организира јавен состанок во Лондон на 26 април за да добие поддршка за основачот на „Викиликс“ и да испрати силна порака против неговата можна екстрадиција во САД, пренесува „Спутник“.
На јавната средба наречена „Одбранете го Асанж од екстрадиција во САД“ ќе се дискутира и ќе се креира стратегија за солидарност за основачот на „Викиликс“, објави организацијата на „Твитер“.
Состанокот ќе се одржи во седиштето на Синдикатот на Обединетото Кралство (Unite the Union, Unite House) во Холборн, Лондон.
Ако биде екстрадиран во САД, Асанж може да се соочи со пет години затвор врз основа на сегашното обвинение – заговор за хакериски напад на компјутер. Сепак, поранешниот службеник на ЦИА, Филип Џиралди, за „Спутник“ изјави дека Вашингтон може да наметне дополнителни обвиненија за Асанж по неговата екстрадиција вклучувајќи ги и обвиненијата за шпионирање што се казнуваат со смртна казна.
Асанж се стекна со слава кога „Викиликс“ објави голем број доверливи документи, меѓу кои и некои што обелоденија злоупотреби на моќ и воени злосторства извршени од американските војници во Авганистан и Ирак, како и во логорот во заливот Гвантанамо.