Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информира дека од денеска се отворени и се во функција дисперзирани канцеларии на МЗШВ во општините Новаци и Могила.
Со отворањето на канцелариите, земјоделците од двете пелагониски општини ќе може директно да комуницираат со стручни лица од МЗШВ, да се информираат и да аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството.
-Во овој период актуелно е поднесувањето барања за субвенции од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година кое завршува на 30 мај. Апликациите се однесуваат за површини со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади како и за сточарско производство, односно за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи и за заклани животни во кланица. Барањата за добивање на финансиската поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите, посочуваат од Подрачната единица на МЗШВ со седиште во Битола.
Дисперзираните канцеларии на МЗШВ во општините Новаци и Могила ќе работаат секој ден од 8 до 16 часот.