Поврзување и приближување на народите преку спортот и туризмот е целта и намерата на идејата за формирање „Меѓународна организација на спорт и туризам за мир и просперитет” со седиште во Атина, по иницијатива на министерката за туризам на Грција, поддржана од грчкиот премиер Алексис Ципрас и шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, јави дописничката на МИА од Атина.
На денешната презентација во грчкото МНР, Катругалос и Кундура говореа за важноста на новата организација во соработката меѓу народите, но и за важност за Грција како иницијатор.
– Ќе се формира нова меѓународна организација под покровителство на Обединетите нации со седиште во Атина. Организација што ќе ги промовира спортот и туризмот како начин за приближување на народите, нешто што е особено неопходно во ера кога гласовите на нетолеранцијата сакаат повторно да ја добијат централна политичка сцена, рече шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос.
Министерката за туризам на Грција, Елена Кундура рече дека наскоро ќе бидат соопштени две големи светски спортски имиња, кои ја прифатиле пораката да бидат дел од новата организација.
-Туризмот и спортот ги обединуваат луѓето и народите. Имаат сила да инспирираат и да мобилизираат милиони граѓани од светот. Придонесуваат во развојот и на глобалната еконономија, рече грчката министерка за туризам.