Ден на Земјата – што секој поединец може да направи за да ја заштитиме нашата планета?

Додека голем број граѓани од католичка вероисповед ширум Европа и светот го празнуваат првиот ден од Велигден, 22 април исто така се одбележува и како Ден на планетата Земја.

На овој датум низ целиот свет секоја година се одржуваат различни настани со кои се изразува поддршка за заштита на животната средина, пренесува „Еуроњуз“.

Глобална мрежа на голем број организации, во текот на целата година работат на справување со најсериозните проблеми за нашата планета како климатските промени, таложењето на пластичен отпад, заштитата на загрозените видови и сл.

 

Како 22 април стана ден на нашата планета?

 

Мировниот активист Џон Меконел е првиот кој ја предложил идејата за Ден на Земјата во 1969 година на Конференција на УНЕСКО во Сан Франциско.

Неговата цел била на тој ден да се оддаде почит кон Земјата како дом на целото човештво и да се промовира концептот за мир меѓу луѓето, а со ваква порака денот за првпат бил одбележан на 21 март 1970 година – првиот ден од пролетта на северната хемисфера.

Американскиот сенатор Гејлорд Нелсон го промовирал Денот на планетата Земја еден месец подоцна, на 22 април 1970 година, откако бил сведок за стравотните еколошки штети од масовното излевање на нафта во Санта Барбара, Калифорнија, во 1969 година.

Иако првично станува збор за американска иницијатива, концептот беше преземен на меѓународно ниво во 1990 година, со настани организирани во 141 земја.

 

Како секој поеднинец може да делува за да ја заштити Земјата?

 

Обединетите нации објавија прирачник комично насловен „Водич за тоа како мрзливите луѓе можат да го спасат светот“, во кој се наведени повеќе активности што секој поеднец може да ги преземе за да придонесе кон Целите за одржлив развој поставени од организацијата.

Листата категоризира предлози од ниво 1 до ниво 4, во зависност од тоа дали активностите се преземаат дома, на работа или во локалното место на живеење.

Еве неколку предлози од сите четири нивоа:

  • Заштедете електрична енергија со приклучување на повеќе апарати во продолжен кабел и целосно исклучувајте ги кога не ги користите, вклучувајќи го и вашиот компјутер.
  • Избегнувајте банкарските извештаи да ги подигате печатени на хартија и своите сметки плаќајте ги онлајн или преку мобилен.
  • Не е можно во целост да се избегне купувањето на храна и стока спакувана во пластична амбалажа, но гледајте тоа да го сведете на минимум.
  • Купете си килим – теписите и килимите го прават вашиот под топол и ќе ви помогнат да заштедите при затоплувањето на домот.
  • Практикувајте кратки туширања – со бањањето во када се троши многу повеќе вода отколку 5-10 минути минати под туш.
  • Вашата коса и облека сушете ги природно наместо со помош на фен односно машина. Кога ја перете облеката, внимавајте да го искористите целиот капацитет на машината.
  • Јадете помалку месо, живина и риба. Повеќе ресурси се користат за да се обезбеди месо отколку растенија.
  • Планирајте ги вашите оброци – при пазарење користете листа и избегнувајте да купувате водени од импулс. Не наседнувајте на маркетинг трикови кои ве тераат да купите храна, облека и предмети повеќе отколку што ви е потребно.
  • Возете велосипед, пешачете или користете јавен превоз. Патувајте со автомобил само кога сте во поголема група.
  • За пиење вода или кафе употребувајте амбалажи што повторно може да се искористат.
Треба да знаете
Последни објави