Aвстрискиот канцелар Себастијан Курц побара од помалиот партнер во владејачката коалиција, десничарската Партија на слободата на Австрија, да се дистанцира од песната во која мигранти се споредуваат со стаорци, јави агенција Асошиејтед прес.
Курц изјави за австриската новинска агенција АПА дека огранокот на Партијата на слободата во покраината Горна Австрија треба ,,веднаш и недвосмислено” да се дистанцира од песната којашто се појави во публикација на партијата во градот Браунау, родното место на Адолф Хитлер.
,,Изборот на зборови е одбивен, нечовечки и длабоко расистички и не му е местото во Горна Австрија, ниту пак во целата земја”, изјави Курц.
Автор на песната насловена ,,Градски стаорец” е заменикот на градоначалникот, а зборува против мешањето култури. Песнатам освен опозицијата од левиот центар, ја осуди и локалниот огранок на Австриската народна партија на канцеларот Курц. Тој постигна коалиционен договор со Партијата на слободата и стана канцелар кон крајот на 2017 година.