Домашните мали и средни претпријатија имаат ограничени ресурси што ги спречуваат да извезуваат на меѓународниот пазар, како исполнување критериуми и стандарди во кои мора да инвестира самата компанија. На располагање им се редица можности за вмрежување и соработка со партнери од европските пазари, оцени денеска Александар Филиповски од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување МИР.
Една од алатките за вмрежување е и мобилната апликација за бизнис можности поврзана со базата на Европската мрежа на бизнис можности ЕЕН Македонија. За неполни три месеци апликацијата ја искористиле 300 домашни фирми, претежно од ИТ, металопрарботувачката и текстилната индустрија. Апликацијата содржи секција за пронаоѓање партнери, со објавени профили на фирми насочени кон технологии, бизнис и програми за истражување и развој како Хоризонт, Хоризонт 2020 и други инструменти. Таму се објавени и домашните национални програми и повици за поддршка на компаниите.
Виктор Стојмановски од Европска мрежа на бизнис можности ЕЕН Македонија истакна дека на домашните компании и истражувачи иноватори им нудат алатка со која ќе излезат на меѓународниот пазар.
– Во Македонија извозно се ориентирани околу пет проценти од компаниите, а доминираат големите фирми. ЕЕН е ориентирана кон малите и средни компании, им стоиме на располагање и цело време им нудиме можности и за технолошка соработка и за научно истражувачка работа и за останата економска соработка. Работиме во рамки на капацитетите на малите и средни претпријатија, не можеме да го подобриме нивниот капацитет, но можеме да направиме оние кои се подготвени за соработка да им најдеме одредени канали да ја остварат таа соработка, рече Стојмановски.
Европската мрежа на бизнис можности за фирмите нуди информации и совети за прашања од Европската унија. Таа носител на програмата за индустриска политика на Европската комисија и една од алатките поврзана со дел од поглавјето 20 за индустриска политика за кое се прави скрининг за отворање преговори со ЕУ.