Пендаровски: Задоволен сум дека во првиот круг мнозинството граѓани гласаа за напредна и европска Македонија

Почитувани граѓани,

Сакам уште еднаш да се заблагодарам на сите оние кои вчера достоинствено и демократски излегоа на гласање. Очекувам убедлива и недвосмислена победа во вториот круг и кончено Македонија да добие претседател на сите граѓани.

Задоволен сум дека во првиот круг мнозинството граѓани гласаа за напредна и европска Македонија. Гласаа за заедништво, за напредок и сигурна иднина. Ги разбирам и граѓаните кои решија да не излезат на гласање и на тој начин да упатат порака. Тоа е нивно право и верувам дека пораката од страна на политичарите е примена.

Но, јас сум убеден дека најголем дел од нив даваат поддршка за европската иднина на нашата земја. Би сакал да им порачам дека на 5 мај е последниот датум кога ќе можат да ја потврдат оваа нивна заложба и да ја обезбедат својата иднина. И убеден сум дека за две недели ќе излезат и ќе гласаат за мене и за политичката опција која ја претставувам и на тој начин одговорно ќе ја поведат земјата напред.

Би сакал исто така да им се обратам директно и на оние граѓани кои гласаа за господинот Блерим Река. Од нив ја очекувам поддршката за вториот круг и ги повикувам масовно да излезат на гласање. Знам дека тие ја поддржуваат во огромен број мојата визија за европска и интегрирана Македонија, наспроти ревизијата на се што постигнавме и блокадите кои ги најавува Сиљановска. Ги повикувам да излезат и да гласаат по свое убедување онака како што мислат и веруваат дека е правилно. Од нивниот глас зависи каков курс ќе заземе нашата земја по 5 мај.

Од денес ја продолжувам мојата кампања до конечна победа. На 5 мај ни е потребна максимална политичка, граѓанска мобилизација и поддршка за концептот кој ја води оваа земја напред. Продолжувам уште посилно на терен да се сретнам со што повеќе граѓани и да ја пренесам пораката дека 5 мај е последниот датум за да избегнеме нови поделби, нови блокади и застој на патот кон ЕУ.

 

Треба да знаете
Последни објави