Црногорската полиција приведе на информативен разговор 26 лица блиски на „кавачкиот” клан, со цел да провери каде се наоѓале за време на убиството на Веселин Вукотиќ, татко на водачите на криминалниот „шкаљарски” клан, Јован и Игор Вукотиќ.
Полицијата на местото на инцидентот пронашла шест чаури. Постои сомнеж дека во нападот бил употребен полуавтоматски пиштол. Фактот дека убиецот не оставил речиси ниту една трага, ја отежнува полициската истрага.
Истражните органи се сомневаат дека за таа ликвидација е одговорен „кавачкиот” клан, кој е во конфликт со синовите на убиениот 69-годишен Вукотиќ.
Дополнително е зајакнато обезбедувањето на двата клана, бидејќи се стравува дека ова убиство ќе предизвика нови крвави пресметки во Котор и другите градови ширум регионот и Европа.
Како што соопшти црногорската полиција, Вукотиќ бил застрелан со повеќе куршуми пред неговата куќа, од страна на засега неидентификувано лице, кое побегнало во непознат правец.
Ранетиот Вукотиќ веднаш бил пренесен в болница, каде набрзо им подлегнал на повредите.
„Шкаљарскиот”, заедно со „кавачкиот”, се два криминални клана од Котор, што последниве години водат меѓусебна војна, при која досега се убиени над 30 лица. Двата клана во минатото беа дел од една криминална група, но откако кон крајот на 2014 година во шпанскиот град Валенсија исчезнаа околу 300 килограми кокаин што и припаѓаа на групата, таа се подели на „шкаљарци” и „кавачанци”.