Бројот на жртви во терористичките напади во цркви и хотели во Шри Ланка порасна на 290, а бројот на повредени на 500. Властите утринава соопштија дека го укинуваат полицискиот час што беше воведен вчера на целиот остров.
Портпаролот на полицијата, Руван Гунасекера, не сакал да прецизира колку жртви во која црква или хотел има. Претседателот Маитрипал Сирисен, кој бил во странство за време на вчерашниот напад, свикал седница на советот за национална безбедност.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите, но полицијата извести дека се уапсени 13 лица кои припаѓаат на иста радикална група.
Шефот на националната полиција, Пујутх Јајасундара, пред десетина дена објави предупредување откако добиле информации од странски разузнавачки агенции дека движењето НТЈ (National Thowheeth Jama’ath) планира да изведе бомбашки напади во големи цркви и на амбасадата на Индија.
Меѓу загинатите најмалку 35 се странци, државјани на Кина, Холандија, Португалија, САД и Велика Британија. Индија ја потврди смртта на тројца нејзини државјани.
Лани властите во Шри Ланка прогласија 12-дневна вонредна состојба за да се пресметаат со муслиманската побуна во земјата.
„Во последните години имаше насилство и постојано заплашување на христијанската заедница на Шри Ланка“, изјавил за „Франс прес“ Руки Фернандо, активист за човекови права. Но, додал тој, досега не е видено ништо во толку големи размери и сила.