„Фолтин“ на 25 мај во клубот Кабрио во Скопје ќе го промовира новиот албум МОМОМА. Настанот е закажан за 21 часот.
Писателот Дејан Трајкоски за албумот напиша:
„МОМÓМА е најзрелиот албум на Фолтин. Музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде.
Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо фолтиновски.
МОМÓМА е како Шпато да седнал со “Бич Бојс”, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“
фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост.
МОМÓМА е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов,
Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со Фолтин, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок – од “Thrust”, на пример,
управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер.
Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од “Chocolate Jesus”. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка.
А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може
само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно”.
Цената на билетите ќе изнесува 400 денари во предпродажба и 500 денари на врата на денот на концертот, билетите може да се набават преку продажната мрежа на Купи Карти За Се.