Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ќе се сретнат до крајот на месецот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека не може да го каже точниот датум на средбата.
Тој рече дека подготовките за состанокот се во завршна фаза, притоа не изнесувајќи детали.
– За жал, не можам да ви дадам повеќе информации од тоа што го кажав, рече Песков.
Тој претходно изјави дека Москва од безбедносни причини не го објавува местото и датумот на состанокот на Путин со Ким.
Песков неодамна рече дека двајцата лидери имаат „голем број прашања” за кои ќе разговараат на претстојната средба.
– Прво и најважно е развојот на билатералните односи. Второ прашање е денуклеаризацијата и регионалната соработка, така што опсегот на прашањата за кои ќе расправаат е прилично голем, рече тогаш Песков.