Жена од Обединетите Арапски Емирати си ја врати полната свест по 28 години минати во вегетативна состојба.
Мунира Абдула преживеала тешка повреда на мозокот во сообраќајна несреќа во 1991 година. Била со својот син Омар Веибар, кој тогаш имал само четири години.
–Никогаш не се откажав од неа, оти секогаш имав чувство дека еден ден ќе се разбуди, изјави Омар.
Вегетативната состојба е слична на комата, само што при првиот случај, пациентите можат да реагираат на болка.
Жената која тогаш имала 32 години, се лекувала во својата земја и во Лондон. Пред две години, принцот од Абу Даби, Мохамед бин Зајед ја испрати и ѝ го плати специјалистичкиот третман на Абдула во Германија, каде што со посебна физикална терапија докторите ѝ ги подобриле обрасците на будност и спиење.
Така, пациентката станала почувствителна. Една година подоцна, во јуни 2018 година Омар ја чул, прво, како испушта звуци, а потоа и како го изговара неговото име.
– Причината поради којашто ја споделив нејзината приказна е да им порачам на луѓето да не ја губат надежта за нивните најблиски. Немојте да ги сметате за мртви кога се во таа состојба!, нагласи Омар.
Госпоѓата Абдула сега може и да разговара, да се моли и да се пожали кога е во болки. Сега се наоѓа во Абу Даби со семејството и продолжува со терапиите.