Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов оствари работна посета на општина Крива Паланка, на која со домаќинот, градоначалникот Борјанчо Мицевски, разговараа за проектот за млади и спорт кој ќе се имплементира во општината со финансиска поддршка од амбасадата.
– Драго ми е што наидов на срдечен прием во Крива Паланка, имаме многу проекти за развивање на спортот што како држава членка на ЕУ сме должни да ги реализираме. Ова е прв проект кој го спроведуваме со општина Крива Паланка, да може да ги насочиме младите на спорт, да спортуваат и да се развиваат, зашто само здрави и умни луѓе можат да ја развиваат средината,изјави Ангелов.
На средбата се разговарало и за претстојниот ултра-маратон кој Република Бугарија ќе го организира во почетокот на мај, кој ќе отпочне во Бургас, ќе се движи низ коридорот 8.
– Ултра маратонот ќе се движи низ трите држави долж коридорот 8, од Бургас, Република Бугарија,преку Северна Македонија до Крива Паланка, која е важна на тој коридор, за кој говориме два века и крајно време е да го изградиме и развиваме, додаде Ангелов.
Градоначалникот Мицевски нагласи дека разговарале за градењето добрососедски односи, добрососедски политики, за сите проекти реализирани со прекуграничната соработка помеѓу двете земји.
– Денеска со амбасадорот извршивме и увид на спортскиот терен каде ќе бидат реализирани активностите со финансиска поддршка од амбасадата на Република Бугарија во висина од околу 73.000 евра.Ќе се изградат: татран атлетска стаза околу фудбалскиот стадион, мини-голф терен и скејтборд парк со цел привлекување на младите на спортските терени и нивно одвлекување од зависностите и пороците, меѓу нив и пороците на денешницата, андроид технологиите, изјави Мицевски.
Задоволство е да се биде дел од добрите меѓусоседски практики, истакна Мицевски, заблагодарувајќи се за поддршката за изградба на спортски содржини.