По победата на Володимир Зеленски на претседателските избори во Украина во неделата, некои аналитичари стравуваат дека сега со земјата „од сенка” би можел да управува украинскиот милијардер Ихор Коломојски.
Коломојски е сопственик на телевизијата на која беше емитувана серијата „Слуга на народот”, со која како актер се прослави Зеленски, каде толкуваше улога на професор кој станува претседател на државата.
Меѓутоа, некои аналитичари посочуваат дека ова не е единствената врска помеѓу новиот претседател на Украина и олигархот, кој живее во доброволен егзил во Израел. Имено, базата на регистарските таблички на возилата, документите за сопственост на компаниите и објавените фотографии, укажуваат дека патиштата на Зеленски и Коломојски често се вкрстувале.
Катарската телевизија Ал Џазира посочува дека Зеленски и Коломојски имаат заеднички деловни партнери, а најмалку две од возилата што ги користат новиот претседател на Украина и неговите соработници се во сопственост на лица или компании поврзани со бизнисменот.
Покрај ова, телевизијата на Коломојски му даваше безбедносна и логистичка поддршка на Зеленски во текот на изборната кампања, а неговиот советник за правни прашање бил адвокат на олигархот.
Бриселскиот портал „Политико” наведува дека некои украински медиуми информирале оти во изминативе две години Зеленски 14 пати патувал за Женева или Тел Авив, каде во тоа време се наоѓал 52-годишниот Коломојски.
До 2015 година Коломојски беше гувернер на регионот на Дњепропетровск, а кога во 2016-та негов близок соработник беше уапсен под обвинение за киднапирање и убиство, тој ја напушти Украина.
Коломојски беше сопственик и на најголемата украинска банка „ПрајватБанк” и на неколку авиокомпании. Украинските власти го обвинија Коломојски за проневера на повеќе од милијарда евра од банката, која ја национализираа во 2016 година, но пред неколку дена суд ја прогласи национализацијата за незаконска.
Поради сето ова од пред три години, Коломојски од егзил започна „војна” против се уште актуелниот украински претседател Петро Порошенко. Во кампањата против Порошенко, Коломојски отиде до таму што неговата телевизија го обвини шефот на државата за убиство на сопствениот брат.
По објавувањето на првичните резултати од неделниот втор круг од претседателските избори во Украина, на кои Зеленски освои 73,23 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Порошенко само 24,44 проценти, Коломојски најави дека „сигурно ќе се врати во Украина”, откако ќе бидат објавени конечните изборни резултати.
Зеленски, од своја страна, во текот на изборната кампања во повеќе наврати негираше дека ќе води политика во интерес на Коломојски, доколку биде избран за претседател на Украина.
Коломојски и неговата телевизија отворено го поддржуваа Зеленски во текот на кампањата, но олигархот негираше каква и да било поврзаност меѓу нив, нагласувајќи дека тие се само „пријатели поврзани со телевизиски договор”.
Бизнисменот изјави и дека не ја поддржал финансиски кампањата на Зеленски, додавајќи дека немало потреба за тоа бидејќи поранешниот актер е „богат човек” и дека неговите пари „се чисти, за разлика од оние на многумина други во Украина”.
На крајот, уште една заедничка работа меѓу Зеленски и Коломојски е тоа што и двајцата се Евреи.
Уредникот на магазинот „Одеса Ревју”, Владислав Давидзон оценува дека токму поради овој факт, во случај на политички неуспех на потенцијалниот сојуз меѓу Зеленски и Коломојски, гневот би можел да биде насочен кон припадниците на еврејската заедница во Украина, каде антисемитизмот има долга традиција.