Во Посебното основно училиште „Климент Охридски” во Ново Село е прогласена епидемија на заразна жолтица, иформира д-р Силвана Петкоска, специјалист епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Струмица. Во училиштето се школуваат околу педесетина деца со попреченост, а дел од нив се сместени и во училишниот интернат.
-Издадовме наредба во наредните 15 денови училиштето да биде затворено, бидејќи досега се регистрирани 11 пациенти, кај кои е откриен вирусот Хепатитис А. Ваква одлука донесовме за да не се прошири болеста во установата, каде има вкупно 80 лица заедно со персоналот, вели д-р Петкоска.
Додава дека првиот случај е откриен минатиот месец, а вториот се појавил на почетокот на април. Се појавиле и нови случаи, а меѓу нив има и една воспитувачка.
Според д-р Петкоска состојбата ќе се следи и доколку нема нови случаи на заразна жолтица се очекува училиштето да продолжи да работи по велигденските и првомајските празници.