Портпаролката на Европската Унија, Маја Коцијанчич, порача дека ЕУ ќе продолжи да го почитува меѓународниот договор со Иран и покрај овие санкции.
Американската администрација вчера најави од 2 мај нема да бидат ослободени одредени земји од санкции за увоз на иранска нафта. Досега Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Италија, Грција. Турција и Тајван беа ослободени од примена на американските санкции кон Иран.
Администрацијата на Доналд Трамп порача дека нема повеќе да ги толерира овие исклучоци и дека ќе го зголеми економскиот и дипломатскиот притисок врз Техеран.
Одлука доаѓа една година откако САД одлучи да се повлече од договорот за денуклеаризација на Иран, потег кој длабоко ги вознемири другите потписници на оваа спогодба.
– Жалиме поради најавата да не се обноват изземањата, ова дополнително се заканува да го поткопа Договорот со Иран, кој е клучен елемент во глобалната архитектура за спречување на нуклеарната пролиферација, изјави денеска Маја Коцијанчич.
Таа додаде и дека ЕУ ќе продолжи да го почитува договор со Техеран се додека Иран се придржува до своите обврски во делот на нуклеарниот развој. Коцијанчич потсети дека е утврдено од страна на надлежните меѓународни агенции дека Иран ги почитува своите заложби и дека договорот со оваа земја е одобрен од страна на Советот за безбедност на ОН и е „критичен” за регионалната и глобалната безбдност.