„Прекрасните“ (The Beautiful Ones), незавршените мемоари на поп-ѕвездата Принц, треба да бидат објавени во октомври оваа година.
Педесет рачно напишани страници ќе ја сочинуваат основата на книгата, која е замислена како мемоар за неговиот живот. Во неа ќе бидат вклучени и ретки фотографии и рачно напишани текстови.
Принц ретко даваше интервјуа и градеше сопствена митологија преку музиката, пишува Би-би-си, но годината пред неговата смрт, тој замина на соло-турнеја со наслов Принц: пијано и микрофон што беше инспирација за неговите мемоари, кои тој ги најави на приватен настап во Менхетен во 2016 година.
„Почнуваме на самиот почеток, од моето прво сеќавање“, ѝ рече тој на публиката. „Се уште читате книги, нели?“
Издавачката куќа ја опиша книгата како „личен приказ за тоа како Принц Роџерс Нелсон стана оној Принц што го знаеме. Приказна за детето кое го апсорбира светот околу него и создаде личност, уметничка визија и живот, пред хитовите и славата што ќе го дефинираат подоцна“.
Мемоарот, кој е именуван по една од песните на албумот Purple Rain, ќе вклучува и вовед од писателот на Њујоркер, Дан Пипенбринг, кого Принц го избра за свој соработник, опишувајќи го како „добар критичар“.
Уредникот на книгата додаде дека е воодушевен што конечно ќе бидат објавени личните гледишта на Принц за сопствениот живот, преку неговиот живописен, духовит и поетски глас.