Серијата „Династија” на Арон Спелинг и сопружниците Шапиро (Естер и Ричард) почна да се емитува на нашите ТВ-екрани во 1984 година. Блејк Карингтон, сопственик на нафтена компанија, приватен авион, ергела коњи, фудбалски клуб, голем имот со куќа од 48 соби. Гледачите беа импресионирани од маркантниот богаташ од Денвер кој има две жени (сегашната Кристл и поранешната Алексис), хомосексуалец син Стефан и бунтовна ќерка Фелон.
Таа љубов траеше девет години, во 220 епизоди.
Денес, 35 години подоцна, Блејк Карингтон повторно ќе се појави. Но, во римејкот на легендарната американски серија (од среда на Fox Life) наместо Џон Форсајт ќе глуми Грант Шоу.
Улогата на Линда Еванс ја наследи австралиската актерка (родена во Перу) Натали Кели, а ликот на лошата заводничка Алексис во кој брилираше Џоан Колинс го толкува Николет Шеридан од „Очајни домаќинки”.
Новост е што сите членови на ривалското семејство Колби се Афроамериканци. Улогата на заводникот Џеф Колби, со која се прослави Џон Џејмс, му припадна на нигерискиот доселеник Сем Адегоке.