Поранешната француска министерка на европски работи и носител на кандидатската листа на владејачката партија Република во движење (РЕМ) за евроизборите, Натали Лоазо, во 80-тите години на минатиот век била кандидат на изборите за студентски претставник на Унијата на десничарските студенти (УЕД), блиска до екстремната десница, тврди информативен интернет портал „Медиапар”.
– Веројатно требаше да подобро да видам што е тоа, изјави денеска Лоазо, откако „Медиапар” објави дека во периодот кога студирала политички науки во Париз, таа се дружела со припадници на екстремната десница.
Како што јави дописникот на МИА, порталот посочува дека во јануари 1984 година на изборите за студентски претставници, Натали Диколумби, моминското презиме на Лоазо, била кандидат на УЕД, поврзана со Унијата на групата за одбрана (ГУД), чии членови беа познати по насилните судири со студентите од екстремната левица во 70-тите години на минатиот век.
Формирана во 1978 година, УЕД гордо ги посочуваше своите десничарски корени, тврдејќи дека „цврсто се противи на сите предлози за воспоставување демагогија и марксистички тероризам, под маската на демократизацијата”.
Носителката на листата за евроизборите на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон во изјава за „Медиапар” тврди дека не се интересирала за УЕД, не била нејзини поборник и не водела кампања за неа.
– Ако на листата имало такви што имале екстремистички планови, јас не се дружев со нив и не ги забележав и ако е тоа случај, тоа е грешка. Доколку ги идентификував членовите на ГУД на оваа листа, очигледно дека јас немаше да се согласам да бидам на неа. Жалам што бев поврзана со овие луѓе, изјави Лоазо.
Ваквите претходни политички определби на Лоазо се во спротивстивност на решителниот антинационалистички став што го застапува денес.
Меѓутоа, Лоазо не е единствената која била поврзана со екстремните десничарски студентски движења. Пред да станат дел од Собирот за републиката (РПР) и Унијата за француска демократија (УДФ), а потоа и на Унијата на народното движење (УМП), повеќе истакнати конзервативни политичари, како Ален Maдлан, Патрик Двеџиан или Жерар Лонге бил активни во екстремно десничарското движење Запад во доцните 60-ти години на минатиот век.