Во рамки на проектот за агро-еколошко зонирање на земјоделското производство Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) денеска одржува обука за географски информациски системи (ГИС) наменета за клучните институционални чинители во агро-еколошките пракси и политики. На обуката експерти на ФАО ги презентираат основните концепти во примена на ГИС и други информациски системи во земјоделството и современата агро-екологија, како и во развојот на агро-еколошки зони.
Оваа обука е прва од серијата обуки во рамки на проектот чија цел е да се зајакне институционалниот и техничкиот капацитет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и релевантните институции за следење и анализа на системите за земјоделско производство, развој на Национално агро-еколошко зонирање и Систем за управување со информациите за земјишни ресурси. На неа учествуваат претставници од релевантни сектори од МЗШВ, од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Државниот инспекторат за земјоделство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, Државниот завод за статистика, како и од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Главната цел на проектот за агро-еколошко зонирање, кој почна да се спроведува на почетокот на 2018 година, е да овозможи точни информации за подобноста за одгледување на одредени земјоделски култури и сорти во дадени производни реони согласно почвено – климатските услови. Тоа ќе придонесе да се подобри земјоделското производство преку добро информирани инвестиции, да се зголеми адаптивниот капацитет кон климатските промени, да се подобри информирањето за земјоделските анализи и политики, што позитивно ќе влијае на продуктивноста и профитабилноста на земјоделското производство.
Во изминатиот период ФАО и МЗШВ во соработка со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) изготвија просторна презентација на климатски податоци во форма на карти за температура, дождови, евапотранспирација на ниво на цела држава. Во моментот се изготвуваат првите пилот агро-климатски зони кои претставуваат области со одредени агро-климатски карактеристики, кои заедно со почвените информации ќе бидат основа за изготвување на агро-еколошки зони. Сето ова ќе биде од значителна корист за диверзификација и зголемена продуктивност на културите и одржливо земјоделско производство. Агро-еколошките зони ќе помогнат да се подобри ефикасноста и потенцијалот на земјоделското производство, а креаторите на политики ќе можат да ги користат информациите за креирање на оптимални земјоделски политики во корист на земјоделците.
Се очекува до крајот на 2019 година ФАО да ја претстави мапата на агро-еколошки зони за Северна Македонија.