Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е домаќин на регионална работилница „SIGMA проект и собирање податоци за зоонози и нивно репортирање во EFSA” што денеска и утре се одржува во Скопје под покровителство на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA).
На состанокот присуствуваат високи претставници од Европската агенција за безбедност на храна, претставници од конзорциумот кој го спроведува SIGMA проектот, претставници од ветеринарните служби на земјите во регионот, од Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје и oд Институтот за јавно здравје.
-Иницијативите за регионална соработка овозможуваат не само зајакнување на административната соработка помеѓу надлежните органи, туку и успешно справување со болестите предизвикани од вектори како што се Африканската чума кај свињите, болеста на јазлеста кожа кај говедата,… и антимикробната резистентност, рече директорот на АХВ Зоран Атанасов во поздравниот говор на отворањето на состанокот.
Нагласи дека соработката на АХВ со Европската агенција за безбедност на храна, како и посветеноста во насока на следење на глобалните трендови чија цел е заштита на јавното здравје и здравствената заштита на животните, резултираше со приклучување на Агенцијата во конзорциумот кој го спроведува SIGMA проектот.
Република Северна Македонија, претставувана од АХВ, е единствена земја која не е членка на Европската Унија што беше официјално поканета на денешниот состанок да се приклучи во конзорциумот и рамноправно да учествува, давајќи свој придонес за успешно спроведување на проектот.
Конзорциумот е формиран со цел да се обезбеди научна и техничка поддршка на Европската комисија во процесот на спроведување епидемиолошка анализа на појавата на болести кај животните (Африканска чума кај свињите, Јазлеста кожа кај говедата и Авијарна инфлуенца) и проценката на податоците од спроведените надзори во однос на Echinococcus multilocularis и Авијарната инфлуенца.