Богоевски до Силјановска: Под кое име планира да ја внесе државава во НАТО алијансата
Пратеникот на СДСМ и Коалицијата, Павле Богоевски ја праша кандидатката за Претседател на СРМ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска под кое име планира да ја внесе државава во НАТО алијансата, откако утрово таа зборуваше за своите планови кога ќе влеземе во Алијансата.
„Во мојот мандат Македонија ќе стане членка на НАТО. Но тоа не значи дека реформите се целосно завршени. Токму поради тоа, ветувам дека мојот мандат ќе го посветам на надоградување на капацитетите со цел достигнување на НАТО стандардите“, вели Силјановска.
На ова, Богоевски прашува: „Професорке, под кое име ќе станеме членка на најмоќниот воено-политички сојуз во светот? Под името кое не сакате да го изговорите, истото тоа име кое од Охрид ветивте дека ќе го промените повторно? Како резултат на што е добро што сме членка на НАТО? Како резултат на „предавничкиот и антимакедонски договор со Грција“ чие референдумско изјаснување го бојкотиравте и чиј легитимитет се’ уште го оспорувате? “