Во Бања Лука убиен локален бизнисмен

Во близина на неговата семејна куќа во Бања Лука, синоќа е убиен сопственикот на компаниите „Сектор Секјурити” и „Житопродукт”, Славиша Круниќ.

Како што соопшти полицијата на Република Српска, во престрелката што се случила во бањалучката населба Гламочани нешто по 22.30 часот, биле убиени три лица, а едно се здобило со тешки телесни повреди од прострелни рани.

Покрај Круниќ, убиени се и еден негов „придружник”, како и еден од напаѓачите. Според полицијата, повреденото лице, исто така, било „придружник” на бизнисменот.

Во тек е истрага за настанот.

Медиумите од Бања Лука, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, наведуваат дека станувало збор за „класична заседа” за Круниќ, по која дошло до престрелка меѓу неговите телохранители и напаѓачите. 

Треба да знаете
Последни објави