Минатата година 1.790 работници биле тешко повредени на работното место. Во пресрет на Меѓународен ден за заштита при работа 24 инфо дојде до податоци дека се менува ризикот на работниците во одредени професии. Ако порано земјоделството беше најризична професија каде најмногу страдаа вработените кои работеа со старата механизација, сегашните податоци велат дека сега Преработувачката индустрија станува најризична. Овде само за една година биле регистрирани 698 поврди на работно место. Дури 178 повреди се регистрирани во Здравствената и социјална заштита. Следни се услужните дејности со 126 повреди. Газдите на фирмите во исто време заработиле само 7 кривични пријави и 42 мандатни казни.
Добрите познавачи на состојбите велат дека работодавачите секогаш гледаат да заштедат и не се одвојуваат доволно сретства за заштита на работниците мислејки дека истото им е преголем трошок.
-При тоа тие не размислуваат дека при евентуална несреќа при работа би имале поголеми трошоци и судски трошоци Работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства, односно да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организација- вели Невзат Умер, магистер по безбедност и заштита при работа.
Според него работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа особено со назначување на едно или повеќе стручни лица за безбедност и ангажирање на овластена здравствена установа за вршење стручни задачи за здравје при работа. Во исто време мора да се работи на донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи, да се донесат мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност и да се направи обука на вработените за безбедно извршување на работата врз основа на сопствена програма. Исто така потребно е обезбедување опрема за лична заштита за вработените и нејзината употреба, доколку преземените безбедносни мерки во работната средина не се доволни и вршење повремени прегледи и испитување на работната средина и опрема. Многу е битно следење на здравствената состојба на вработните.
Како најчести причини заради кои се случуваат несреќи во градежништвото се наведуваат неприменување на основните правила и процедури на работа, отстапување од пропишаниот и утврден процес на работа, работа на необезбедена висина и работа на необезбедени рабови на објектите од кои може да се падне во околниот простор. Исто така причини за несреќи може да бидат работа на непрописно монтирани скелиња, некористење на ЛЗО (особено на заштитен појас при работа на висина и заштитен градежен шлем) и непрописно користење на опремата за работа. Но проблем може да бде и недоволнта обученост на вработените и невнимание и недоволна концентрација при извршување на работните активности.
Валентина Ангеловска