Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во емисијата “Топ тема” на ТВ Телма во која дебатираше со пратениците Артан Груби од ДУИ и Фросина Ремески од СДСМ, порача дека Зоран Заев ќе направи најдобра чистка само ако ја прифати фрлената ракавица на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, па народот нека одлучи кој заслужува метла, а кој заслужува доверба.
-Резултатите од гласовите за Гордана Силјановска Давкова се одраз на волјата на народот. Ако ги споредиме резултатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од локалните избори кои изнесуваат 335 илјади гласови, но тогаш заедно со турската партија и партијата на Амди Бајрам и други, кои денес се со владеачката коалиција, значи ако ги одземеме нивните гласови, реално сме имале некаде околу 325 илјади гласови, а професорката Силјановска сега освои 320 илјади што цениме дека е многу добар резулатат. Особено што наспроти неа имате една коалиција од 31 партија на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алтернатива, Амди Бајрам, Љубчо Георгиевски, Павле Трајанов и други. Драго ни е што на ниво на Скопје, професорката Силјановска имаше подобар резултат од Стево Пендаровски, како и во Кочани, Штип, Битола, Велес, Гевгелија, па дури и во бастионот на СДСМ и ДУИ како што е Куманово, оствари многу добар резултат. Резултатите од првата рунда се црвен картон за власта. И затоа требаше да се прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни заедно со претседателските избори, така ќе имаше зголемен интерес и сигурен цензус, и народот ќе одлучеше каже кој е за метла, а кој за мандат, а не Заев да прави “субјективна метла”, според тоа кој му се допаѓа, а кој не, истакна Милошоски.