Терористичката група „Исламска држава” презеде одговорност за нападите на Шри Ланка, во кои загинаа најмалку 320 лица.
Во изјавата лиферувана од новинската агенција Амак, која е поврзана со ИД, се посочува дека цел на нападот биле „христијани и луѓе од држави кои ги бомбардирале териториите на ИД”.
„Извор од безбедносните сили за агенцијата Амак изјави дека извршителите на нападот кои целеле граѓани од земјите кои се дел од коалицијата предводена од САД и христијани во Шри Ланка беа војници на Исламската држава”, се вели во соопштението.
Во соопштението не се дадени други детали, ниту е понуден доказ за ваквите тврдења.
Од друга страна, заменикот-министер за одбрана Руван Виџевардене денеска пред Парламентот изјави дека првичната истрага за смртоносните напади на Шри Ланка покажува дека станува збор за одмазда за Крајстчрч.
Тој изјави дека истрагата утврдила дека за нападите се одговорни две локални исламистички групи Нешенал Тохид Џамат и Џамијатул Милату Ибраим.
На 15 март во Крајстчрч на Нов Зеланд во напад на две џамии беа убиени 50 муслимански верници.
Во неделата, на католички Велигден, на Шри Ланка избувнаа серија експлозии. Првите шест експлозии беа во три цркви и три хотели , седмиот во западниот дел на островот, а осмиот во станбен комплекс во Коломбо. Според локалните медиуми нападите ги изведоа бомбаши-самоубијци.
Бројот на загинати во бомбашките напади во Шри Ланка се зголеми на 321, а повеќе од 520 се повредени. Властите во Шри Ланка досега уапсија 40 лица. УНИЦЕФ соопшти дека меѓу убиените има 45 деца.
Во Шри Ланка денеска е Ден на национална жалост. Земјата е во вонредна состојба, а целата нација денот го почна со триминутно молчење за да оддаде почит на загинатите.
Националните знамиња се на половина копје, продавниците за алкохол се затворени, а радијата и телевизиите ќе емитуваат само сериозна музика.
Денеска се одржува и првиот масовен погреб, а ширум земјата се оддава почит на жртвите. Погребот за триесетина жртви се одржа во црквата Свети Себастијан, која беше една од целите на нападот.
Втор масовен погреб ќе се одржи во текот на денот.