Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска им одаде признание на сите институции на Косово кои биле ангажирани во репатријацијата на косовските државјани од воените жаришта во Сирија и воедно се заблагодари на Владата на САД за поддршката за успешната реализација на операцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ноќта меѓу петокот и саботата, односно меѓу 19 и 20 април, со авион со американски обележја, во Косово беа вратени 110 косовски државјани од зоните на конфликтот во Сирија.
Харадинај на денешната седница на Владата нагласи дека „институциите ги исполнија своите обврски кон сопствените граѓани и ќе продолжат сериозно да ја третираат ресоцијализацијата на вратените во косовското општество”.
– Премиерот Харадинај го нагласи и фактот дека Косово е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот и ќе продолжи да го дава својот придонес во тој правец, се вели во соопштението на владината служба за информирање.
Од Сирија во Косово се вратени четворица борци на терористичката организација Исламска држава (ИД), кои веднаш биле уапсени и им е одреден притвор, како и 32 жени и 74 деца, од кои девет деца без родители.
Жените и децата денеска се пуштени од бегалскиот камп во селото Вранидол во близина на Приштина, каде што беа сместени од саботата, додека децата без родители им се предадени на нивните блиски.
Против сите вратени жени, како што објави денеска Специјалното обвинителство на Косово, е покрената истрага за евентуалните врски со ИД. Извори од обвинителството изјавија за медиумите дека против нив се водела истрага и порано, но таа била прекината поради тоа што биле недостапни за надлежните институции. Единаесет од осомничените жени попладнево беа изведени пред истражен судија во основниот суд во Приштина.
Приближно 300 косовски државјани се проценува дека заминале во Сирија во изминатите шест-седум години за да војуваат на страна на исламските екстремисти.
Над 70 од нив се убиени, додека голем број жени и деца останаа и натаму во воените зони.
Бројот на борци од Косово кои и натаму се наоѓаат во воените зони, според податоците на косовската полиција од февруари годинава, изнесува 56.
Лицата кои учествуваат во војни во странство, според косовските закони, можат да бидат осудени на казна затвор до 15 години.