Благодарност до граѓаните за опомената што ни ја пратија. По изборите ќе се утврдува индивидуално одговорноста на секој поединечно во рамки на институциите што ги предводи. За нас во овој момент фокусот е на претседателските избори и ги повикувам граѓаните што помасовно да излезат, ако не биле задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме нашата држава и да ја вратиме децении и децении наназад.
Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје, денеска, одговарајќи на прашање поврзано со изборите во неделата и дали ја сфатиле пораката на народот.
Додаде дека институциите што ги предводи СДСМ, секој поединечно, треба да е свесен дека е носител на одговорност кон граѓаните бидејќи граѓаните го избрале.
– Како избран функционер од страна на граѓаните нормално дека чувствувам одговорност кон нив, нашата работа е да ги отвориме процесите што долги години биле комплетно во градот запоставувани и да ги решаваме тие проблеми, рече Шилегов.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев истакна дека во Општина Карпош, кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски извојувал победа.
– Се согласувам дека има намалување на гласовите, но најверојатно тоа е порака дека некои работи што сме ги ветиле и сме почнале да ги реализираме, можеби треба со одредена побрза динамика да се реализираат и тоа е разликата меѓу нас и претходната власт, што ваквите работи и ваквите пораки од граѓаните најдиректно и најсериозно се сфаќаат од наша страна и веднаш ќе почне да се постапува подинамично, рече Богоев.
Додаде дека доколку некој смета дека тој нешто не направил или оти нешто требало да биде поприоритетно од нешто друго, слободно може да се критикува и оти претседателскиот кандидат Пендаровски нема логика да биде казнет поради тоа.
– Нема логика да биде казнет поради нешто друго претседателскиот кандидат кој гарантитра дека ќе се оди напред, каде што веќе после долги години се тргна. Ако сметаме дека е подобро да се враќаме назад, тогаш би било логично да се казни некој што не е крив за одредени работи. Јас сметам дека нема зошто Пендаровски да биде казнет, пораката извршната власт на локално, градско и централно ниво ја сфати, рече Богоев.