Под слоганот „Силата е во нас” (The power of we), во присуство на лидерот на Нова демократија и членови и пратеници од грчката опозициска партија, Манфред Вебер од Атина ја започна предизборната кампања за претседател на Европската Комисија, јави дописничката на МИА од Атина.
– Сила значи единство. Единството значи сила. Нашата сила значи дека отвораме ново поглавје за европскиот сон со оптимизам, без страв, со надеж, без егоизам, обединети, без популизам и национализам, туку во корист на обединета и солидарна Европа, рече Вебер.
Во говорот, кандидатот за претседател на ЕК, истакна дека во 2019 ќе се борат против националистите кои сакаат да ја уништат визијата за Европа и додаде дека програмата на ЕПП се базира на три столбови: силна Европа – што ќе ги заштити нејзините граници и ќе се справи со миграцискиот проблем; паметна Европа со отворање нови работни места и слободна трговија и благородна Европа, одговорна за животната средина.
Тој објасни зошто решил кампањата да ја почне во Атина, бидејќи „кога говориме за демократија во Европа, веднаш граѓаните помислуваат на Грција и Атина”.
– Едно ветување е вистинско, следниот пат кога ќе бидам тука, сигурно Европската Комисија ќе ја води Народната партија, а Кирјакос Мицотакис ќе биде следниот премиер на Грција, рече Вебер.
Свое обраќање имаше и лидерот на Нова демократија кој рече дека настанот организиран во објектот Запио има своја симболика, бидејќи пред 40 години, на 28 мај 1979, току таму, Константинос Мицотакис ја потпишал спогодбата за интеграција на Грција во Европската економска заедница.
Мицотакис наведе дека Вебер е пријател на Грција, а на евроизборите Грците со глас за Нова демократија ќе одберат голема политичка промена што ѝ е потребна на земјата.
– На изборите на 26 мај, ќе кажеме дека сакаме да свртиме страница, обединети, а не поделени пишувајќи го предговорот на новата ера за нашата земја, посочи Мицотакис.
На настанот присутни, меѓу другите, беа и поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, како и комесарот за миграциска политика, Димитрис Аврамопулос.