Руското судство ја донесе првата пресуда според новиот закон со кој се казнува навреда, односно еклатантно непочитување на власта и државните симболи.
Јуриј Картижев во две објави на руската социјална мрежа „VKontakte“ го нарекол рускиот претседател Владимир Путин „неверојатен ш***к“.
Како што јавува „Москва тајмс“, судот во градот Чудовo во регионот Новгород, околу 570 километри од Москва, во вторникот го прогласил Картижев за виновен за овој „злочин“ и го осудил со парична казна од 30 илјади рубли, или 470 долари.
„Содржината на објавите го навредува човечкото достоинство и општествениот морал и изразува јасно непочитување кон општеството, државните и владините органи на Руската Федерација“, стои во пресудата.
Картижев, спорните објави наводно ги напишал на 31 март, два дена откако стапил на сила контроверзниот закон.
Критичарите тврдат дека законот, според кој за првиот прекршок се предвидува парична казна, а за повторување до 15 дена затвор, ја задушува слободата на говор. Картижев самиот ја објави веста за неговата пресуда на својот „Јутјуб“ канал. Во видеото што го објави, може да чуе како судијата, кого тајно го снимил, ја чита пресудата.
Многу руски корисници на Твитер, реагираа веднаш по објавувањето на пресудата, изразувајќи иронична благодарност кон Путин.