Комисијата за односи со верските заедници демантира вмешаност во превирањата во ИВЗ

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи демантира каква било вмешаност во настаните во Исламската верска заедница. Од таму велат дека не се во можност да се произнесат за целата ситуација затоа што не располагаат со релевеантни информации ниту од страна на Судот, ниту од страна на верската заедница.

„При настапот пред медиумите сношти по одржана вонредна седница на ријасетот на ИВЗ, господинот Реџепи во дел од својата изјава го обвини директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски дека е вмешан во последните случувања во Исламската верска заедница. Обвинувања и навреди беа упатени и за заменик директорот на Комисијата, Зеко Абази. Иако на целата јавност ѝ е позната некредибилноста, неоснованоста и невистинитоста на ваквите наводи, поради длабока и искрена почит кон граѓаните со муслиманска вероисповед сакаме да упатиме остар демант и јасна порака дека Комисијата за односи со верските заедници, ниту нејзиното раководство на ниту еден начин не е вмешана во последните случувања и превирања во ИВЗ“, велат од Комисијата.

Задржувајќи го личното и институционалното реноме на високо ниво, додаваат од таму, нема воопшто да се впуштаме во понатамошна комуникација со лични дискредитации и инсинуации, а ова беше непримерен чекор за изнесување клевета.

„Не сме во можност дури ниту да се осврнеме и да произнесеме став во однос на предметните случувања бидејќи не располагаме со соодветни релевантни информации ниту од страна на Судот, ниту од страна на верската заедница. За настанот сме запознаени само преку медиумите. Се работи за внатрешни прашања на верската заедница, за кои апелираме да се решаваат со взаемно разбирање, во согласност со позитивно правните прописи и во интерес на верниците“, се вели во соопштението од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Треба да знаете
Последни објави