Со синоќешниот танцов перформанс „Секвенци – Минато/Сегашност/Иднина“ во МНТ се заокружи месецот на танцот. Оваа кореографија со потпис на Рисима Рисимкин, одиграна од танчери од Хангџоу, Кина, го одбележа крајот на јубилејното 15-то издание на меѓународно признаениот фестивал.
„Исклучително сум задоволна од сите аспекти на јубилејното издание на „Танц Фест“. Првенствено публиката, а потоа и програмата, танчерите, трудот и љубовта кои сите ги вложивме. Создадовме Идентитети, кои со овој јубилеј на вистински начин ги утврдивме. Мисијата на фестивалот беше и сѐ уште оди во правец на создавање силни врски со уметници од различни земји и култури, притоа давајќи можност за нови соработки. Покрај домашните танчери и млади кореографи, бевме домаќини и на уметници кои се дел од интернационалната танцова сцена. Тоа е основа на која може да се направат двонасочни долготрајни врски во танцот. Морам да признаам дека сите беа изненадени од бројноста на младата публика на фестивалот. Навистина сум горда што покрај публиката која изминативе 15 години нѐ следи, со новиот бран млади уметници, успеавме да привлечеме и млада публика која ја цени создадената традиција“, вели кореографот и уметнички директор на фестивалот, Рисима Рисимкин.
Танцови компании од Холандија и Кина и млади танчери од Велика Британија, Франција, Израел, Италија, Русија, Германија, Полска, како и од Холандија во програмата за најмладите се претставија пред македонската публика во текот на месецот на танцот. Танц Фест уште од своите почетоци стана познат по квалитетот на програмата која ја нуди и уникатната мисија и визија која претставува мост меѓу нашата земја и светот, можност за уметници да комуницираат и простор за лично изразување.