Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер објави дека се сретнал со соосновачот и извршен директор на компанијата Твитер, Џек Дорси.
– Одличен состанок попладнево во Белата куќа со Џек од Твитер. Разговаравме за многу теми околу нивната платформа и за светот на социјалните мрежи воопшто. Се радувам на продолжување на отворениот дијалог, напиша американскиот претседател на Твитер.
Трамп вчера повика на формирање повеќе и поправедни социјални медиумски компании како одговор на дискриминацијата, која, како што рече, како републиканец ја чувствува од компанијата Твитер.
Трамп има еден од најпопуларните профили на Твитер, со речиси 60 милиони следачи, но тој повеќе пати ја критикуваше компанијата и нејзините конкуренти во социјалните медиуми за, како што го нарече, „пристрасност против конзервативците”.
Тој го обвини Твитер и другите технолошки компании дека ја ограничуваат видливоста на истакнати републиканци во САД, но не даде докази кои би го поддржале тоа тврдење.
Компанијата Твитер соопшти дека е посветена на слободата на изразување и намалување на случајните пристрасности во нејзините алгоритми.